Ректорите на УГД и ДУТ, проф. д-р Дејан Мираковски и проф. д-р Јусуф Зејнели потпишаа Меморандум за соработка. Двата универзитета и досега имаа одлична соработка, а со Меморандумот се очекува таа да биде подигната на уште повиско ниво, со вклучување на сите сегменти на двете високообразовни институции.
– Ние како универзитети подолго време соработуваме, но се надеваме дека ова ќе биде една нова иницијатива за многу попродлабочена соработка, на повеќе заеднички идеи, заеднички цели, пред се фокусирана и на квалитетот на наставата, и на заеднички проекти, и на соработка помеѓу наставниот кадар и студентите. Мислам дека важно е државните универзитети да соработуваат, да ги развиваат заедно капацитетите, сепак ние како држава не треба да ги трошиме ресурсите, туку да ги споиме и да имаме далеку подобри резултати од тоа што го добиваме денес – изјави ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.
Задоволство од досегашната соработка, но и очекување на нов квалитет во наредниот период изрази и ректорот на ДУТ, проф. д-р Јусуф Зејнели.
– Секако дека Универзитетот во Тетово заедно со Универзитетот во Штип имаа одлично искуство во функционирањето, организацијата како високообразовни институции, но освен тоа ние од денеска, после потпишувањето на овој меморандум за соработка полесно ќе ги надминуваме и предизвиците што ги имаме. Мислам дека ќе ја продлабочиме соработката, ние ректорите имаме одлична соработка, секако дека сега ќе имаме подобра соработка и на ниво на професорите, администрацијата, студентскиот парламент, нашите синдикати… Заедно со ректорот професор Мираковски се надевам дека ќе стигнеме до нови резултати, да го подобриме квалитетот на високообразовниот процес и мислам дека тоа ќе биде подобро и во насока на организација на конференции, семинари, трибини, и да се движи наставниот кадар. Ние како високообразовни институции имаме и наши лаборатории, и се надевам дека и во таа конкретна, практична насока ќе имаме одлична соработка – потенцираше професорот Зејнели.
				
															

