Search

Универзитетот „Гоце Делчев“ стана асоцијативна членка на Европската универзитетска фондација (European University Foundation – EUF)

Споделете

Универзитет „Гоце Делчев“ стана асоцијативна членка на Европската универзитетска фондација (European University Foundation – EUF), по едногласното одобрување од Управниот одбор и Генералното собрание на оваа организација.

Европската универзитетска фондација со седиште во Луксембург е престижна мрежа на водечки европски универзитети посветена на модернизација на високото образование, со фокус на квалитетна мобилност, дигитализација, вработливост и социјална праведност. Фондацијата брои околу 89 членки, меѓу кои се University of Zurich, Humboldt University of Berlin, Ghent University, Trinity College Dublin, Université Paris-Saclay, University of Barcelona, Erasmus University Rotterdam, University of Warsaw, University of Luxembourg, University of Porto, Charles University и други.

Европската универзитетска фондација е еден од клучните двигатели на „Erasmus paperless“ — особено на иницијативите Erasmus Without Paper и European Student Card. Токму заради овие иницијативи, Универзитетот „Гоце Делчев“ се стекна со титулата „Champion” доделена од Европската комисија за периодот 2025  – 2027 г., како еден од најуспешните универзитети во државата кој активно ги применува и ги усогласува своите процеси и услуги со дигиталните стандарди во рамките на Единствениот европски простор.

Пристапувањето кон EUF ќе ја засили меѓународната видливост на Универзитетот, ќе нè приклучи на првиот ешалон на дигиталните иновации во Erasmus и ќе отвори насочени можности за заемно учење и партнерства што директно ќе ги подобрат нашите процеси за мобилност и студентското искуство. Освен тоа, УГД како асоцијативна членка на Фондацијата ќе остварува тесна соработка во делот на промоција на високото образование, дигитализација, мобилност и научно истражување, со што дополнително ќе се зајакнат можностите за студентите и вработените на УГД низ Европа.