Search

(Видео) Специјално дизајнирана опрема од Теохаров и Влатко Стефановски како донација за Музичката академија

Споделете

Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип доби ексклузивна донација – специјално изработено гитарско појачало, резултат на повеќегодишна соработка меѓу Академијата, културниот простор „Аудиокултура“ и аудиоинженерот Веселин Теохаров од „Теохаров студио“.

Донацијата е круна на проектот „Student Play“ на „Аудиокултура“, во чии рамки студентите од Одделот за џез при Музичката академија во изминатите три години настапија на повеќе од десет концерти, во простор кој се смета за еден од најквалитетните за џез и изведувачка музика во Скопје.

Според професорот Сашо Поповски од Музичката академија при УГД, станува збор за донација со особена вредност за наставниот процес и развојот на студентите.

„Ова е навистина ексклузивна донација, осмислена и изработена од Веселин Теохаров, а калибрирана и тјунирана во соработка со нашиот легендарен гитарист Влатко Стефановски“, истакна Поповски, додавајќи дека соработката со „Аудиокултура“ добива симболична и суштинска завршница токму преку оваа донација.

Веселин Теохаров појасни дека појачалото е уникатен хибрид меѓу хај-фај пристапот и барањата на инструменталната изведба, создаден врз основа на долгогодишно искуство и директна комуникација со музичари и студенти.

„Идејата беше гитарски звучник што ги задржува сите перформанси на класично појачало, но со хај-фај квалитет и прецизност, како референтна алатка за секој гитарист и студент“, нагласи Теохаров.

Во процесот на тестирање и финално тјунирање учествувал и Влатко Стефановски, чиј придонес бил клучен за обликување на тонскиот карактер и звучниот идентитет на појачалото.

Донацијата ќе биде ставена во функција на наставата и практичната работа на студентите на Музичката академија, како траен пример за успешна соработка меѓу образованието, културниот сектор и професионалната аудио-индустрија.