Од 2 до 10 септември во Охрид се одржа 6. Меѓународна постдокторска летна школа, во организација и поддршка со FEMS (Федерација на европски микробиолошки школи).
Членка на оваа Федерација е и Здружението на микробиолози на Македонија, заедно со останати 55 членки, мрежа од над 30.000 микробиолози, основана во 1974 година.
Инаку, претходните пет школи се одржаа во MedILS – Медитерански институт за животни науки во Сплит, Хрватска. Основач и организациски директор на сите шест летни постдокторски школи е проф. д-р Васо Талески, професор на Факултетот за медицински науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип. Тој бил секретар за грантови на ФЕМС од 2006 до 2012 година и директор за настани од 2018 до 2024 година.
Последните две летни школи се посветени на климатските промени, а токму шестата, во Охрид, беше фокусирана на „Климатски промени: Предизвици и влијание на микробната безбедност на водата и храната“.
Учествуваа 16 постдоктори – 11 од Европа: од Австрија, Велика Британија, Германија, Ерменија, Ирска, Италија, Португалија, Русија, Франција, Шпанија и 5 од држави вон Европа: Индија, Кина, Костарика, Нов Зеланд и Тунис. Учествуваа и 13 предавачи-ментори од Австрија, Велика Британија, Германија, Португалија, САД, Франција, Холандија, Унгарија и Шпанија.
Содржините на школата ги надополнуваат посветеноста и придонесот на ФЕМС за ублажување на проблемите поврзани со климатските промени со фокус на користење на микроорганизми за решавање или ублажување на одредени проблеми на животната средина од аспект на „One health” (интегриран пристап на блиска поврзаност на здравјето на луѓето со здравјето на животните, растенијата и заедничката околина).
Предавањата опфатија прегледи на современите научни истражувања на микробиомите и нивните функции во различни екосистеми (почва, воздух и вода) и нивните влијанија врз здравјето на луѓето, растенијата и животните, како и можностите за разградување и детоксикација на голем број загадувачи и отстранување на одредени гасови.
Сите досегашни летни школи, секако и последната во Охрид, се одлична можност за унапредување на знаењата и способностите на постдокторите микробиолози, соработка, заеднички научни проекти, а секако и значајно влијание на нивната научна кариера.
Организацијата на школата во Охрид, пак, овозможува и промоција на културните, историските и природните вредности на Македонија.