Search

угд фм |     contact@ugd.edu.mk

Започна академската година за 1500 нови и 8000 актуелни студенти на УГД

Споделете
Со првиот академски час, Универзитетот „Гоце Делчев“ ја започна новата академска 2025/2026 година.
Од она што беше кажано на свеченоста на првиот ден, УГД на студентите им ветува добивање на знаења кои ќе им помогнат во нивната кариера во животот, а истовремено и зголемена мобилност, преку која ќе можат да посетат квалитетни европски универзитети, дел од своето студирање да поминат и таму и да ги збогатат своите знаења и искуства. На сево ова акцент стави и ректорот проф. д-р Дејан Мираковски во своето обраќање:
– Денес ја почнуваме новата студиска година за над 1500 бруцоши и над 8000 студенти на сите три циклуси на студирање на УГД. Ова е можност нашите студенти, кои го избраа Универзитетот „Гоце Делчев“, да учат од најмодерни дигитални библиотеки, во најмодерни лаборатории, да бидат дел од меѓународни размени, да добијат европска диплома овде кај нас, да бидат подготвени за тоа што ги чека во иднината. Ми претставува посебна чест што нѐ бираат во првиот уписен рок, во првиот рок добивме над 90% од студентите, што значи дека УГД станува прв и препознатлив избор за високото образование. Им посакувам многу успех во учењето, да бидат свои, да бидат истрајни, и се надевам дека Универзитетот заедно со сите професори и вработени ќе им биде поддршка во патот кој ги очекува. Сигурен сум дека квалитетот на образованието што го нуди Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе им овозможи успешна иднина и им посакувам многу успех и во образованието и во идните професии кои ги избрале.
На прашањето што, според него, ќе ја одбележи оваа академска година на УГД, ректорот Мираковски рече:
– Искрено, Универзитетот, пред сѐ, преку зачленувањето во Европската универзитетска алијанса овозможува многу висок степен на мобилност, усогласен со матичните професии, така што тоа на студентите ќе им отвори многу поголем достап до европските универзитети, до формите на образование што ги нудат универзитетите партнери во Алијансата. Дополнително правиме сериозен исчекор и во квалитетот на лабораториските ресурси, на научниот потенцијал што им се нуди на сегашните и на идните студенти, така што сигурен сум дека оваа година студентите ќе почувствуваат навистина многу повисок степен, пред сѐ, на мобилност и на квалитетот на настава што го нуди Универзитетот. Карактеристично е што многу од услугите коишто ги нуди Универзитетот, вклучително и Еразмус мобилноста се целосно дигитализирани, така што овојпат ќе може од пријавување до полагање на испити да одат преку една постапка Еразмус без хартија, за што и нашиот УГД е меѓу триесетте универзитети прогласени од Европската комисија како шампиони за овие мобилности. Така, овие новитети ќе им овозможат на студентите многу поголем достап до квалитетно образование кое ќе им понуди знаења за идните професии кои ги избрале.
Од име на актуелните студенти на УГД, добредојде на бруцошите им посака Ангела Радева, студентка во петта година на Факултетот за медицински науки.
– Универзитетот „Гоце Делчев“ е најдигитализираниот универзитет во нашата држава и е секогаш чекор напред со времето. Современото студирање овде е олеснето со дигиталните алатки како што се е-учење, е-индекс и библиотека, студентската е-пошта. Овие алатки навистина прават процесот на студирање да е поедноставен, поорганизиран и во целост усогласен со европските универзитетски стандарди. Исто така, кај нас на факултетот големо внимание се посветува на практичната настава и Еразмус плус програмата, што нам студентите навистина ни значи и ни обезбедува конкурентност во идните наши професии. Дополнително, УГД членува и во Европската алијанса, заедно со уште девет држави од Европа, како Португалија, Австрија, Романија, Шпанија, Литванија, Полска и други, кои нудат дополнителна можност за мобилност од сите три циклуси на студентите и, секако, меѓународна соработка. На бруцошите им посакувам топло добредојде на нашиот универзитет и со среќа во новите академски достигнувања.
Сандра Арсова е бруцош на Економски факултет, која ги изнесе своите очекувања:
– Многу ми е мило што сум дел од овој прв академски час, веќе дел од моите сокласници кои се запишани на одредени факултети на УГД студираат бесплатно, а јас се надевам дека во текот на моето студирање ќе се стекнам со нови знаења и искуства.