„Во наредните три дена, 20, 21 и 22 август, сите оние кандидати кои влегле на нашиот сајт и аплицирале електронски ќе треба да ни ги достават своите документи во еден од нашите наставни центри, што значи покрај во Штип, можат и во наставните центри во Скопје, Струмица, Кавадарци и во Гевгелија. За сите оние кои сѐ уште не се решиле, може да го отворат нашиот сајт, да ги погледнат нашите 80 студиски програми кои се нудат на 12 факултети и три уметнички академии и да аплицираат во овие три дена од Првиот уписен рок“, изјави на прес-конференција на почетокот од уписите на УГД проректорот за настава, проф. д-р Мишко Џидров. „Вториот уписен рок ќе биде на 4 и 5 септември, а третиот на 17 и 18 септември. Кандидатите кои аплицираат можат и да следат дали ќе бидат во рангирањето на позиции кои се ослободени од партиципација. УГД и годинава нуди ослободување од партиципација за повеќе новозапишани студенти“, вели проректорот проф. д-р Мишко Џидров.
„Како и минатите години, Универзитетот се обидува да им помогне на студентите при запишување на факултет. Бројките на оваа категорија се различни за различен факултет: на Факултетот за медицински науки – дваесетте најдобро рангирани, на Факултет за информатика, Земјоделски факултет, Факултет за природни и технички науки, Туризам и бизнис логистика – првите десет. По пет најдобро рангирани ќе бидат ослободени од плаќање партиципација на Електротехнички факултет, Машински факултет, Технолошко-технички факултет, Факултет за образовни науки и Музичка академија и по две ослободувања од партиципација на Ликовна академија и Филмска академија. Мора да го споменам Филолошкиот факултет, каде што има повеќе можности за ослободување од партиципација на студентите, особено на студиската програма Македонски јазик и литература, каде што се ослободени од партиципација сите студенти во текот на четирите години на студирање“.
Инаку, во октомври УГД ќе го распише и дополнителниот Конкурс за ранливите категории. Универзитетот се обидува да им помогне и на некои специфични категории студенти кои ги имаме, а овој Конкурс го реализираме по барање на студентите, како и од невладиниот сектор.
На УГД има слободни 2100 места за редовни студенти и 820 за вонредни студенти. Во петок кон крајот на денот ќе се познати прелиминарните резултати.
„И годинава во процесот на уписи се покажа значењето на дигитализацијата“, рече Џидров. „Целиот наш процес, од запишување до дипломирање нуди електронски системи. И годинава електронскиот систем за аплицирање беше отворен во периодот зад нас и голем број кандидати ги имаат поднесено своите апликации. Преку тие апликации кои досега ги видовме можам да кажам дека повторно најголем интерес имаме на Факултетот за медицински науки“.
УГД на повеќе факултети има акредитирано студиски програми на англиски јазик, најнова е студиската програма на англиски јазик на Фармација на Факултетот за медицински науки.