Search

Студенти од Фармација стекнаа практично искуство од фитотерапија и зелена фармација во Пловдив

Споделете

Марија Вангеловска, Ангела Смилковска и Василија Смилковска, студентки на Фармација при Факултетот за медицински науки на УГД, беа дел од Erasmus+ Blended Intensive Programme „Green Pharmacy – A Holistic and Phytotherapeutic Perspective“, реализиран во соработка со Медицинскиот универзитет во Пловдив, Бугарија.

Програмата се одржа од 6 до 17 јули 2026 година и комбинираше онлајн предавања со практична мобилност во Пловдив од 13 до 17 јули. Преку предавања, лабораториска работа и практични активности, студентките имаа можност да ги продлабочат своите знаења од областа на фитотерапијата, фармакогнозијата и холистичкиот пристап во фармацијата.

„Во текот на практичниот дел работевме со различни растителни екстракти и фитопрепарати, а практично изработувавме и таблети од растително потекло со помош на таблет-машина. Се запознавме со примената на HPLC и GC при анализа на соединенија од растително потекло, а со овие методи работевме и практично во текот на програмата“, споделува Марија.

Практичните активности им овозможија на студентките да го следат процесот од лековито растение и растителен материјал до подготовка и анализа на различни фармацевтски препарати.

„Една од активностите беше подготовката на различни фитопрепарати – инфузии, декокти, ароматични води, тинктури и екстракти. Преку практичната работа подобро ги поврзавме знаењата за лековитите растенија со нивната реална примена во фармацијата“, вели Ангела.

Теоретскиот дел на програмата опфати теми поврзани со употребата на лековити растенија и растителни производи во здравството. Студентките следеа предавања за билни лекови и нивната примена, како и интерактивни сесии за есенцијални масла и можните интеракции меѓу растителните препарати и лековите.

„Во текот на програмата проследивме низа предавања и работилници од областа на фитотерапијата, фармакогнозијата и холистичката фармација. Тоа ни овозможи да ја согледаме примената на фитотерапијата од повеќе аспекти и да го надградиме знаењето што го стекнуваме во текот на студиите“, истакнува Василија.

Посебно искуство за студентките беше и посетата на Симулациониот центар во Пловдив, каде што имаа можност да видат како современите симулациски методи се применуваат во практичната настава по фармакологија и токсикологија.

Дел од симулациите ги изведоа и самите, работејќи со сценарија кои им овозможија да ги поврзат теоретските знаења со ситуации блиски до реалната здравствена практика.

За студентите учеството во програмата претставуваше можност за стекнување нови академски и практични знаења, запознавање со различен пристап кон фармацевтското образование и работа во меѓународна академска средина.

Искуството покажува како мобилностите во рамки на Erasmus+ можат да го дополнат образованието стекнато на УГД со практична работа, нови методи и знаења кои студентите можат да ги применат во својот понатамошен академски и професионален развој.