Факултетот за информатика при Универзитет „Гоце Делчев“ денес потпиша Меморандум за соработка со Amenex – штипска компанија со меѓународно присуство, која работи во областа на е-трговија и вештачка интелигенција.
Соработката има за цел да изгради директен мост помеѓу академската заедница и индустријата, овозможувајќи им на студентите практично искуство, менторство и вклучување во реални проекти.
Извршниот директор на компанијата, Игор Илиевски, истакна дека Меморандумот претставува значаен чекор кон интеграција на образованието со реалниот бизнис сектор.
„Овој Меморандум претставува рамка и мост меѓу образованието и индустријата, особено во областите на е-трговија и вештачка интелигенција. Овозможуваме студентска пракса, менторство и учество во реални проекти, што значи директна примена на знаењата“, изјави Илиевски.
Тој додаде дека компанијата веќе има силна поврзаност со Универзитетот, нагласувајќи дека значителен дел од вработените се токму студенти од УГД.
„За студентите ова значи реална соработка, рано вклучување во индустријата и работа на конкретни апликации од областа на вештачката интелигенција“, посочи Илиевски.
Говорејќи за развојот на индустријата, тој направи споредба со почетоците на компанијата во 2004 година.
„Тогаш технологијата беше нова и луѓето беа неискусни. Денес имаме напредна технологија, но и многу поголема конкуренција и развиена индустрија. Во последните години, најголемата промена ја носи вештачката интелигенција, која има потенцијал да ја револуционизира е-трговијата“, нагласи тој.
Во однос на глобалното присуство, Илиевски појасни дека иако компанијата функционира меѓународно, нејзините корени остануваат во Штип.
„Компанијата има присуство во Панама и Њујорк, но е основана во Штип и најголем дел од тимот е тука, во Македонија“, рече тој.
Тој се осврна и на предизвиците во онлајн трговијата, особено во делот на измамите.
„Компании како нашата можат да помогнат во заштита од измами преку развој на софтвери што ги штитат и продавачите и купувачите. Во Македонија, иако технологијата постои, навиките за безбедно онлајн купување сè уште се развиваат“, додаде Илиевски.
Од страна на Факултетот, деканката проф. д-р Александра Милева истакна дека оваа соработка е од исклучително значење за студентите.
„Потпишувањето на договор со компанија која има вакво искуство е од големо значење, пред сè за нашите студенти. Им овозможуваме да работат на реални проблеми, со реални алатки и да изработуваат проекти поврзани со потребите на индустријата“, изјави Милева.
Таа додаде дека преку ова партнерство студентите ќе имаат можност да ги поврзат своите академски обврски – вклучително и дипломски и магистерски трудови – со реални предизвици од бизнис секторот.
Соработката помеѓу Факултетот за информатика и Amenex претставува уште еден чекор кон модернизација на високото образование и негово усогласување со динамичните потреби на технолошката индустрија.


