Search

Искра Постолова, Илина Донева и Даница Лефкова се победници на 13. Oраторска вечер на УГД

Споделете

Искра Постолова од редот на студентите и Илина Донева од редот на средношколците ги однесоа наградите од Комисијата на вчерашната Ораторска вечер на УГД. Даница Лефкова, пак, го освои првото место со гласовите од публиката.

13 говори на тринаесеттото издание на Ораторска вечер на УГД вчера поминаа во одлична атмосфера и пред преполна сала. Годинава говорите на младите студенти и средношколци се задржаа околу трагедијата во Кочани, корупцијата во системот, немањето правда и фер услови за сите.

Сите учесници добија сертификат и пофалница за учеството, а најдобрите добија и парични награди обезбедени целосно од Универзитетот „Гоце Делчев“.

„Ова е еден од оние настани кои со текот на времето добиваат посебна вредност. Не само затоа што се одржуваат секоја година, туку затоа што стануваат дел од идентитетот на Факултетот и дел од искуството на многу генерации. Денес можеме да кажеме дека овие вечери се простор каде што се развиваат вештини, самодоверба, јасност на мислата, способност за аргументација и можеби најважното, храброст да се застане зад сопствен став и да се зборува пред публика“, истакна деканката на Правниот факултет, проф. д-р Билјана Тодорова.

На Ораторската вечер настапија студенти од повеќе факултети во рамките на УГД, но и голем број средношколци од средните училишта во регионот.

Ораторската вечер во целост беше пренесувана во живо и може да се најде на Фејсбук-профилот на УГД.