Search

Јана Јакимовска со изложбата „Везилка“ се претставува пред штипската публика

Споделете

Штипската публика ќе има можност да ја види најновата изложба на проф. м-р Јана Јакимовска. На 18.11.2025 година, во 13 часот, во Безистенот во Штип ќе се отвори нејзината самостојна изложба на цртежи и слики со наслов „Везилка“. На изложбата се изложени дела создавани во последниве две години, а се инспирирани од песната „Везилка“ на Блаже Конески. По претставувањето во Скопје, ова е второ претставување на изложбата „Везилка“ пред македонската публика.

За изложбата, кураторката д-р Ана Франговска ќе напише:

„Проектот ʼВезилкаʼ на Јана Јакимовска е замислен како визуелен и теоретски премостувач меѓу традицијата и современоста, меѓу културната меморија и дигиталниот сегашен момент, меѓу ʼженската ракаʼ и ʼмашката историјаʼ. Со него, Јакимовска се надоврзува врз силната метафора од истоимената песна на Блаже Конески (1955), која годинава одбележува 70 години од нејзиното создавање. Кај Конески, везилката е жената која во мрежата од конец и игла внесува историја, идентитет и културна меморија. Кај Јакимовска таа улога се радикализира: везот станува критичка стратегија, алатка за преиспитување на општествените улоги на жената, за проблематизирање на нејзината видливост, рамноправност и општествена моќ.“

Јана Јакимовска е родена во 1981 година во Скопје. Дипломира (2005) и магистрира (2009) на сликарскиот оддел на Факултетот за ликовни уметности на УКИМ во Скопје. Се занимава со сликарство, фотографија, интервенции во јавен простор, инсталации, перформанси, илустрација и графички дизајн. Во фокусот на нејзиното неодамнешно творештво преовладува телото, себството, сексуалноста, општествената позиција на жената. Имала 24 самостојни претставувања во Берлин, Њујорк, Белград, Приштина, Скопје, Гевгелија, Куманово, Кичево и Штип. Учествувала на повеќе од 100 групни изложби во САД, Германија, Италија, Литванија, Турција, Грција, Србија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Црна Гора и Република Северна Македонија. Учествувала на повеќе симпозиуми и ликовни колонии во земјава и во странство. За своето творештво има добиено неколку награди, од кои последната е наградата од КИЦ „Константин Мазев – Коце“ за мал формат во 2024 година. Работи како редовен професор од областа сликање и сликарски техники на Ликовната академија на Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.