По покана на Здружението на граѓани на Македонската национална заедница „Вардар“ во Вршац, вечерва (2 јуни 2026 год.), со почеток од 17 часот, пијано дуетот Џорлева – Михајловски ќе одржи концерт во концертната сала на Градскиот музеј во Вршац, Р Србија.
На репертоарот се композиции од Темков, Григ, Шун Чоо, Сати, Томаш Леон.
Пијанистите Татјана Џорлева и Ангеле Михајловски се редовни професори на Музичката академија при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип и редовно концертираат на домашната, но и на меѓународната сцена.
Концертот е во соработка со Средното музичко училиште „Јосиф Маринковиќ“ и Градскиот музеј во Вршац, а е дел од серијата концерти што овој дует ќе ги реализира во наредниот период во Ниш, Тирана и во Струмица.


