Search
|     contact@ugd.edu.mk

Машинскиот факултет ги отвори вратите за средношколците

Споделете

Машински факултет при Универзитет „Гоце Делчев” организираше настан наменет за средношколци, со цел да ги запознае со предизвиците и можностите кои ги нуди областа на машинското инженерство.

Настанот беше составен од низа интересни презентации за: студиските програми на факултетот, општо за професијата машинство, како и за уловите и можностите за студирање на Машински факултет.

Деканката на Машински факултет, доц. д-р Сара Сребренкоска, во своето обраќање ја истакна важноста на машинското инженерство во денешниот свет кој брзо се развива. Како и клучната улога што машинските инженери ја играат во справувањето со глобалните предизвици, како што се одржливата енергија, иновативните транспортни системи и интеграцијата на вештачката интелигенција и автоматизацијата. На присутните средношколци им порача да изберат мудро, притоа да делуваат храбро не плашејќи се да ги следат своите соништа со што ќе дозволат да станат идни лидери и иноватори во динамичкото поле на машинството.

Еден од најистакнатите делови од настанот беше презентацијата на Иван Панев, тековен студент на Машински факултет, кој ги истакна можностите и условите за студирање кои ги нуди Универзитетот и предизвиците со кои се соочуваат студентите во текот на студирањето, како и своите лични искуства при студирање на Машински факултет.

На настанот беа презентирани и трите студиски програми кои се достапни на факултетот, како и можностите за кариера кои истите ги нудат. Беа презентирани и предизвиците на машинството како професија и побарувачката на машинските инженери на пазарот на трудот.

Исто така, присутни беа и претставници на компаниите: Marquardt, Ruen Inox automobile и Laminati Kom, кои ги претставија своите компании, дадоа увид во работата на машинските инженери во индустријата и ги претставија можностите за студентска пракса и вработување на студентите откако ќе ги завршат студиите.

Настанот беше одлична можност и за студентите да ги истражат своите кариерни опции и можностите за истражување во областа на машинското инженерство.

Со голем интерес и активно учество, настанот отвори врати за нови можности за средношколците и успешно обединување на студентите и компаниите во областа на машинското инженерство.