Search
|     contact@ugd.edu.mk

Промовиран новиот веб-портал на УГД

Споделете

Ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, заедно со проектниот тим за изработка на новото веб решение, денес го промовираа новиот веб-портал на Универзитетот „Гоце Делчев“.

Ова е активност која ја работиме подолго време. Имаме еден резултат кој можеме да го претставиме и е јавно објавен. Би сакал да кажам дека, според првичните видувања, имаме целосно нов портал. Според мене, најважно е што порталот е фокусиран кон нашите најважни корисници, а тоа се студентите – изјави ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.

Раководител на Проектот за изработка на новиот портал е проф. д-р Златко Бежовски од Економскиот факултет.

Можам да кажам дека ги постигнавме целите за оваа активност. Првичната замисла беше визуелно да го освежиме идентитетот на Универзитетот и да добиеме едно модерно веб решение. Овој процес почна со креирање и избор на ново лого, а сега се заокружува со пуштањето на новиот портал во негова употреба. Целта е нашите целни групи лесно и брзо да дојдат до информациите – изјави проф. д-р Златко Бежовски.

Од Факултетот за информатика одговорен е проф. д-р Зоран Здравев, кој е задолжен за ИТ делот на новиот веб-портал.

Можам да кажам дека имплементиравме најнови технологии. Веб-порталот е поставен во клауд, каде што имаме можности за скалабилни зголемувања на ресурсите. Посебно внимание посветивме на сајбер безбедноста. Сега сајтот е помалку отворен за напади и сите имплементирани технологии во моментот се топ технологии на светско ниво – изјави проф. д-р Зоран Здравев.

Од Економскиот факултет одговорна за развојот на веб-порталот е и проф. д-р Тамара Јованов-Апасиева.

Станува збор за претходно направена анализа во рамки на УГД со фокус на студените и вработените. Ги земавме предвид нивните размислувања за тоа како функционираше претходна платформа. Информациите од нив ни дадоа значајни податоци за тоа во која насока да се движиме. Една од клучните цели е да овозможиме квалитетна содржина која ќе биде, не само информативна, туку и едукативна и инспирирачка, со фокус на младите во државата – истакна проф. д-р Тамара Јованов-Апасиева.

Веб-порталот е функционален на истиот линк www.ugd.edu.mk, а претходниот портал на УГД life.ugd.edu.mk сега се интегрира во новиот веб-портал во делот на блог.