Предавање за кариерните можности за идните студенти на Филолошки факултет и воопшто на УГД реализираше Филолошкиот факултет. На темата „Правописните отстапки повторно под лупа“ воведно предавање имаше доц. д-р Наташа Сарафова, културолог, а работилницата ја одржа доц. д-р Марија Гркова-Беадер, лингвист.

Според деканката на Филолошки факултет, проф. д-р Луси Караниколова, оваа работилница, заедно со уште неколку настани кои се одржуваат неделава, е дел од промотивните активности во неделата кога се одржува и Отворениот и кариерен ден на УГД.
– Оваа седмица, кога и се одржува Отворениот и кариерен ден на УГД, Филолошкиот факултет презема низа промотивни активности. Денес се одржува промотивен настан на Катедрата за македонски јазик и книжевност, во чии рамки се одржува предавање за кариерните можности на идните студенти што би се запишале на оваа Катедра и работилница на тема „Правописните предавања повторно под лупа”. Учесници на настанот беа ученици од трета и од четврта година од средното училиште „Славчо Стојменски“ во Штип – рече деканката Караниколова.

Ова воведно предавање е директен одговор на прашањето: Што по матурирањето?, рече доц. д-р Наташа Сарафова пред средношколците.
– Нашата цел е да им покажеме на младите дека Катедрата за македонски јазик и книжевност не е само место за теорија, туку вистинска отскочна штица за модерни и влијателни професии. Посебен акцент ставаме на професионалните патеки, од наставниот процес како благородна мисија до применетите насоки во медиумите, културниот менаџмент и комуникациите. Создаваме кадри подготвени да владеат со јазикот и културата во дигиталната ера. Оваа диплома е влезница за професионалци кои ќе ја обликуваат иднината, правејќи го македонскиот идентитет препознатлив во светот. Ги повикуваме новите генерации да станат архитекти на сопствениот успех, користејќи ги јазикот и науката како свои најмоќни алатки – потенцираше Сарафова.

Доц. д-р Марија Гркова-Беадер во своето обраќање пред средношколците стави акцент на влијанието на предизвиците што ги носи технологијата, дигиталните медиуми на правописните правила.
– Постојаната појава на нови лексички единици, влијанијата од странските јазици и динамиката на современата комуникација, особено преку дигиталните медиуми, создаваат нови предизвици во примената на правописните правила. Токму влијанието на странските јазици и зачестената употреба на електронските уреди во современата доба предизвикуваат сè почесто да се занемаруваат правописните правила и норми. Заради тоа, се јавува и нагласената потреба од постојаното и засиленото негување на правописната писменост, како во образовниот процес, така и во секојдневната писмена комуникација. На оваа работилница пред средношколците ги посочивме токму тие отстапувања, ги ставивме „под лупа“, а со тоа го свртивме вниманието кон нормата, со надеж дека правописните правила ќе бидат усвоени – вели Гркова-Беадер.



