На Земјоделски факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип денес се одржа Петтото меѓународно научно-стручно советување „Агронаука и пракса 2026“ (АНП 2026), на кое учествуваа бројни домашни и странски експерти, истражувачи, претставници од институции и од реалниот сектор.
Советувањето има за цел да овозможи размена на знаења, искуства и идеи, како и да ја зајакне соработката помеѓу науката и практиката во земјоделството. Настанот претставува платформа за дискусија на актуелните предизвици со кои се соочува аграрниот сектор, вклучително и климатските промени, одржливото производство и економската стабилност на производителите.
Деканката на Земјоделски факултет, проф. д-р Емилија Арсов, во своето обраќање истакна дека годинешното издание на советувањето има изразен меѓународен карактер, со учесници од повеќе европски земји.
„Оваа година имаме бројни учесници, како од земјава, така и од странство – од Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија, Албанија, Косово и Турција, кои ќе ги презентираат своите научни истражувања. Со тоа, конференцијата добива силна меѓународна димензија“, посочи проф. д-р Емилија Арсов.
Таа нагласи дека суштината на советувањето е токму во поврзувањето на научните достигнувања со практичната примена.
„Континуирано работиме на спој помеѓу науката и праксата. Во време на климатски промени и бројни предизвици наша обврска е да придонесеме кон модерно и одржливо земјоделско производство“, истакна Арсов, додавајќи дека заедничкиот пристап е неопходен бидејќи „проблемите со кои се соочуваме се заеднички за целиот регион“.
Во рамки на настанот беа претставени и повеќе од 30 учесници од производствениот сектор, кои преку свои штандови ги презентираа практичните аспекти на својата работа, со што дополнително се зајакнува врската меѓу академската заедница и индустријата.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, нагласи дека ваквите настани се од особено значење за креирање ефективни политики во земјоделството.
„За Министерството е исклучително важно да постои спој помеѓу науката и реалниот сектор. Секоја стратегија и документ што ги носиме мора да се темели на научни сознанија, бидејќи само така можеме да креираме одржливи политики“, истакна Трипуновски.
Тој упати порака и до младите, потенцирајќи ја нивната улога во иднината на секторот.
„Младите се идните лидери во земјоделството. Потребно е да внесеме нова енергија и современи пристапи, особено во делот на модернизацијата. Земјоделството не е социјална гранка, туку стратешка дејност која произведува квалитетна храна“, нагласи министерот.
Во текот на денот се одржаа пленарни предавања и панел-дискусии посветени на глобалните предизвици во безбедноста на храната, климатските промени и иднината на земјоделството. Посебен акцент беше ставен на теми како отпорноста на агросекторот, иновациите и одржливото управување со природните ресурси.
Советувањето опфати повеќе научни области, меѓу кои агроекономија, сточарство, растително производство, безбедност на храна, екологија и енологија, со што се овозможи сеопфатен пристап кон развојот на земјоделството.
Настанот заврши со постер-сесии и заклучоци, при што беше потенцирана потребата од понатамошно јакнење на соработката помеѓу академската заедница, институциите и приватниот сектор, со цел обезбедување одржлив и конкурентен аграр во земјава и во регионот.


