Search
|     contact@ugd.edu.mk

УГД домаќин на „First lego league 2024“ – победници „Стем роботика“ од Кочани

Споделете

Штип и УГД беа домаќини на шестото издание на „Фрст лего лига 2024“ („First lego league 2024“) – Лига по едукативна роботика, која овојпат се одржа во Спортската сала „Јордан Мијалков“.

Во конкуренција на 22 екипи со вкупно 180 учесници, апсолутен победник е Едукативниот центар „Стем роботика“ од Кочани, кој ги освои првите места и во категоријата на млади роботичари од 6 до 10 години и во категоријата на учесници од 10 до 16 години.

Со ова, оваа екипа стекна право да учествува на Светскиот шампионат по роботика, што од 7 до 9 јуни ќе се одржи во Масачусетс, САД. Екипата е составена од ученици од Кочани, но и од Виница кои се редовни членови на Едукативниот роботски центар во Кочани и тоа: Андреј Дамјанов, Горјан Тасев, Филип Ристов, Тања Врчко, Глигорие Фудолски, Бране Тасев, Љубиша Митев и Славе Јорданов.

„Задоволен сум што и оваа година, по шести пат, успеавме да ја продолжиме традицијата на ’Фрст лего лига на Македонија’ и се гледа дека оваа година масовноста е на едно одлично ниво, семејството на Лигата по едукативна роботика сѐ повеќе расте. Оваа година имаме 22 тима и победникот ќе учествува на Светското првенство во Масачусетс, САД, од 7 до 9 јуни, а успеавме и уште еден тим да испратиме на Првенство во Грција, на 9 и 10 март во Солун.  Натпреварувањето е под закрилата на ООН, која за оваа година ја одреди тематиката на иновативни проекти на места за рекреација со помош на новите технологии. Победниците беа најдобри во сите четири категории, основни и иновативни вредности, потоа во проектна тематика, во робот дизајн и роботска игра. Оваа екипа беше национален победник и пред две години, а приматот го потврди и на годинашниов државен натпревар во рамките на ’Фрст лего лига на Македонија’“, изјави претседателот на лигата Гордан Анастасов.

Коорганизатор на настанот е Електротехничкиот факултет при УГД, чиј продекан проф. д-р Тодор Чекеровски ја истакна масовноста која е карактеристична за ова издание:

„Електротехнички факултет при УГД за првпат е коорганизатор и мислам дека навистина ова е еден успешен настан, со повеќе од 180 учесници. Настанот во светот се организира во над 120 држави. Овде има дечиња од сите возрасти. Електротехнички факултет заедно со својот тим ќе продолжи од година во година да го подига нивото на квалитет на овој настан и се надевам дека ова ќе биде традиција“, изјави проф. д-р Чекеровски.